САД ќе обезбедат гаранции дека секое евентуално ослободување на ирански финансиски средства нема да биде искористено за финансирање тероризам – изјави денеска американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Тој објасни дека Џаред Кушнер предложил механизам за надзор на евентуалното одмрзнување на иранските средства.
– Прашањето за иранските средства не е меѓу нашите највисоки приоритети во разговорите со Техеран, но сакавме да воспоставиме механизам кој ќе гарантира дека тие средства, доколку некогаш бидат одмрзнати, ќе бидат во корист на иранскиот народ и нема да се користат за финансирање тероризам – изјави Венс пред новинарите.
Одмрзнувањето на иранските средства е дел од Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, што беше потпишан минатата недела, а според кој иранските средства и имот кои се замрзнати или ограничени ќе станат достапни по спроведувањето на договорот.
По потпишувањето на рамковниот договор, Вашингтон и Техеран вчера започнаа нова рунда преговори во Швајцарија, на кои присуствува и Кушнер. Целта на разговорите е постигнување конечен договор за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток, кој започна со израелско-американските напади врз Иран на 28 февруари.
Според Венс, Кушнер предложил многу интересно решение кое го вклучува Катар, со што и Катар и САД би имале улога во одобрувањето на секое идно ослободување на ирански средства.
– Тие пари потоа би можеле да се користат за купување американска соја, пченка и пченица во корист на иранскиот народ – рече Венс.
Иран со децении е предмет на американски санкции, кои сериозно влијаат врз неговата економија и ги ограничуваат меѓународните финансиски трансакции на земјата. Голем дел од странските средства на Иран беа замрзнати по Исламската револуција во 1979 година.


