Српското Министерство за внатрешни работи ги потврди сите детали за драматичното киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски (43). Во опсежното соопштение се наведува дека пејачот бил киднапиран во раните утрински часови на улицата „Караѓорѓева“ во Белград, по што започнала масовна полициска операција.

„По потера по возило во кое двајца засега непознати сторители го киднапирале Д.К. под закана со нож и пиштол и му изнудувале пари, возилото е запрено на територијата на општина Рума. Жртвата е пронајдена со врзани раце, додека сторителите успеале да заминат во непознат правец“, соопштија од српското МВР.

Во акцијата учествувале речиси сите елитни единици, вклучително УКП, Жандармеријата, САЈ и Службата за борба против тероризмот. На Кајмакоски веднаш му била укажана лекарска помош, а Вишото јавно обвинителство во Белград случајот веќе го квалификуваше како кривично дело „Киднапирање“.

Exit mobile version