Се огласи и Муцунски во однос на скандалот со Јанчева: Го осудувам вандалскиот чин, ги повикувам институциите да преземат мерки

По повод инцидентот со автомобилот на поранешната претседателка на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, се огласи и новиот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски:

„Како градоначалник на Општина Аеродром и како граѓанин пред сè го осудувам овој вандалски чин. Во нашата општина ова не смее да се случува. Почитувана г-ѓа Јанчева, досега неколку пати реагираме како општина до МВР во врска со нивното дејствување во Аеродром и слабите контроли и неприсуството на терен на полицијата и не добиваме никаков одговор. Во мојата програма нема опции од една или друга страна, сите се исти и затоа работиме со сите сили за една поинаква општина на која сите ќе сме горди. Ги повикувам институциите да преземат мерки, а ние ќе ги интензивираме нашите соработки со институциите за еден безбеден Аеродром за сите“, напиша градоначалникот на Фејсбук.

Инаку, поранешната претседателка на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, на својот Фејсбук профил објави фотографија од својот паркиран автомобил кој бил запечатен со пур пена, пред зградата во која што живее во Аеродром.

На фотографијата може да се види дека двете врати на автомобилот, како и хаубата се пополнети со пур пена, цврст материјал кој практично оневозможува да се отворат вратите и хаубата.

По ваквиот инцидент, Јанчева му се обрати на новиот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски, посочувајќи му дека безбедноста на граѓаните од другата опција е загрозена.

„Вака ли мои сограѓани во Европа. Со заплашување? Почнавте со чкртање…утрово ова? Ваквиот чин е одраз на немоќ, градоначалнику Тимчо Муцунски, безбедноста на граѓаните од другата опција е загрозена“, наведува Јанчева.

10.11.2021 - 13:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега