Австралиските и филипинските власти интензивно ги реконструираат последните движења на Саџид и Навид Акрам, татко и син кои го извршија терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј. Во нападот загинаа 16 лица, а околу 40 беа повредени. Истрагата се фокусира на нивниот едномесечен престој на Филипините непосредно пред трагедијата.

Имиграциската служба во Манила потврди дека двајцата отпатувале од Австралија на 1 ноември и останале на Филипините до 28 ноември. Последната локација на нивното патување бил градот Давао, кој се наоѓа на југоистокот од островот Минданао. Овој регион со години е познат по активноста на исламистички милитантни групи.

Иако засега нема официјална потврда од властите, австралиските медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори, известуваат дека токму на Филипините таткото и синот наводно поминале „воена обука“.

Полицискиот комесар на Нов Јужен Велс изјави дека се испитува секој аспект од нивниот престој:

„Се разгледуваат причините за патувањето, целите и сите локации на кои престојувале.“

Филипинската армија, исто така, потврди дека истрагата продолжува, но наведоа дека засега немаат докази за нивно учество во каква било воена активност.

Пасошките податоци откриваат дека 50-годишниот Саџид Акрам патувал со индиски пасош, додека неговиот 24-годишен син Навид бил австралиски државјанин. Саџид живеел во Австралија од 1998 година и легално поседувал дозвола за огнено оружје поради рекреативен лов.

Истрагата ја потврди и поврзаноста на напаѓачите со радикални групи. Би-би-си објави дека двајцата биле поддржувачи на групата „Исламска држава“ во Сиднеј, а симболи и знамиња со идеолошка содржина биле пронајдени во нивниот автомобил по нападот.

Австралиската Еј-би-си додаде дека Навид, роден во Австралија, уште пред пет години бил испрашуван поради врски со локална ќелија поврзана со ИД, но тогаш бил проценет како безбедносна закана.

Паралелните истраги имаат цел да утврдат дали патувањето на таткото и синот било дел од поширока мрежа на радикализација.

Exit mobile version