СДСМ: Зошто ниеден актуелен функционер не е опфатен со истрагата за Кочани

 

Речиси четири недели по огромната трагедија во Кочани, истргата сè уште нема одговори на едни од најважните прашања: кој сноси одговорност за пожарот во „Пулс“ и кој е виновен за сериозните безбедносни пропусти на денот на трагедијата? Ова денеска го прашуваат од опозициската СДСМ преку соопштение за јавноста.

- Иако беше најавено, до денеска не е направен ниту еден чекор во насока на проширување на истрагата – ниту за пропустите што ја обележаа кобната ноќ, ниту за оние што ѝ претходеле. Не е поведена постапка против ниту едно лице од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ, иако тие на 16 март, денот на трагедијата, биле на одговорни позиции. Зошто нема проширување на истрагата иако беше најавено? Зошто ниту еден актуелен функционер којшто бил на функција тој ден не е опфатен со истрагата ниту пак е повикан на распит?  Не смее да има заштитени. Не смее да продолжи селективно да се води истрагата, велат од опозицијата.

Додаваат дека одговорност мора да има – без разлика на функцијата или позицијата.

- Ова не е партиско прашање. Ова е прашање на правда, на доверба во институциите и на почит кон жртвите и нивните семејства. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината. Семејствата на настраданите имаат право да добијат одговори. Тие одговори мора да донесат конкретна одговорност, и тоа на сите нивоа. СДСМ останува цврсто на ставот: мора да има целосна, транспарентна и неселективна истрага. Правдата за Кочани мора да победи. Таа правда мора да биде недвосмислена, видлива и целосна, велат СДСМ во соопштението.

10.04.2025 - 09:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега