СДСМ: Зошто не е проширена истрагата за Кочани иако јавно беше најавено дека ќе се случи
И покрај тоа што поминаа речиси четири недели од трагедијата во Кочани, јавноста сè уште нема добиено одговори на клучните прашања: кој е одговорен за пожарот што се случи во „Пулс“ и кој е одговорен за серијата безбедносни пропусти, велат од СДСМ.
Сè уште, како што додаваат, нема проширување на истрагата за безбедносните пропусти направени на кобната ноќ, ниту пак на оние што ѝ претходеле.
„Не е повикан ниту еден актуелен функционер на распит, не е отворена постапка за никого од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ кои денот на трагедијата, 16 март, биле на позиции.
Зошто не се повикуваат оние кои биле на позиции кобната ноќ?
Зошто не е проширена истрагата за Кочани иако јавно беше најавено дека ќе се случи“, прашуваат од оваа партија.
Според СДСМ, не смее да има заштитени. Одговорност, подвлекуваат мора да има, од највисоките па до најниските нивоа.
„Ова не е политичко прашање. Ова е прашање на правда, доверба и достоинство.
Граѓаните, семејствата на жртвите, сите, имаат право на вистина. Имаат право да знаат што точно се случи и кој ќе понесе одговорноост“.
СДСМ, нагласуваат, ќе продолжи да инсистира на целосна, транспарентна и неселективна истрага.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа