СДСМ: За време на владеењето, ВМРО-ДПМНЕ за 100 отсто ја покачи цената на струјата и ја укина евтината тарифа, нивната загриженост е лажна и лицемерна

После сите штети што ги нанесе врз енергетскиот систем, преку расипничките и криминални проекти, ВМРО-ДПМНЕ нема никаков кредибилитет да зборува за енергетиката, велат од СДСМ како реакција на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

-Додека ВМРО-ДПМНЕ владееше, а Мицкоски му беше советник за енергетика на Груевски, цената на електричната енергија порасна за 100 отсто, евтината тарифа на струјата беше укината, а државата беше зависна од увоз на скапа струја. За разлика од нив, СДСМ во изминатите 3 години направи сериозни реформи во енергетиката. Се покажа дека реформскиот процес во енергетиката за заштита на потрошувачите, транзицијата на замена на јаглен со сонце- на обновливите извори на енергија и правото на избор се единствениот вистински пат кој гарантира отпорност на енергетскиот сектор и во вакви нови околности, се вели во реакцијата.

Од СДСМ посочуваат дека одлуката за корекцијата на цената на струјата е донесена од страна на независно, професионално тело, Регулаторната комисија за енергетика, за да се задржи функционалноста на енергетскиот систем во вакви вонредни состојби предизвикани од последиците на коронакрозата.

-За да се заштитат граѓаните, евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали исто како и до сега. Преку евтината тарифа 15 милиони евра годишно остануваат кај граѓаните, а најголем дел од нив се социјално ранливите групи, пензионерите и невработените лица кои најмногу ја користат оваа мерка. Со корекцијата на цената, Република Северна Македонија и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа. Лажна и лицемерна е загриженоста на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија ќе остане запаметена по руинирањето на енергетскиот систем, единствено заради лични и бизнис интереси на поединци, се вели во реакцијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.08.2020 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа