СДСМ: За првпат блокадата на европскиот пат доаѓа одвнатре од земјата - дури и САД упатија јасна порака до ВМРО-ДПМНЕ

„САД упати јасна порака до ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи европскиот пат на државата, опозицијата да покаже посветеност за остварување на децениската стратешка цел за членство во Европската унија“. Оваа порака утрово ја испраќаат од владејачката СДСМ, во врска со интервјуто на Габриел Ескобар за ВОА, во кое потенцираше дека САД бара од ВМРО-ДПМНЕ не да го поддржи премиерот Димитар Ковачевски, туку како што рече евроатланскиот пат на РСМ.
 
„Пораката на САД за поддршка на европската иднина на државата доаѓа во време кога успешно тече скрининг процесот, а потребни се чекори во македонското Собрание за продолжување на преговорите со ЕУ до полноправно членство.
Веќе е формирана и експертска работна група за текстот на амандманите за потребните уставни измени како еден од чекорите.
 
За првпат блокадата на европскиот пат доаѓа одвнатре од земјата, коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – Левица се единствените кои се против ЕУ и европската иднина на државата и нејзините граѓани“, стои во соопштението на СДСМ испратено до медиумите.
 
„СДСМ е предводник на проевропската коалиција и во иницијативата да се направат сите неопходни реформи за да го продолжиме патот кон Европа. Со СДСМ по 17 години чекање државата ги започна преговорите за членство во Европската унија, со чист македонски јазик потврден преку ФРОНТЕКС и заштитен македонски идентитет.
Македонската иднина е европска, тоа е стратешки интерес на државата и граѓаните“, се додава во соопштението.
14.05.2023 - 11:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега