Одлуката со која гостиварската вода беше прогласена за безбедна за техничка употреба предизвика остра реакција кај опозицијата, од каде што денеска побараа Владата итно да ги презентира официјалните лабораториски анализи пред граѓаните. Од Социјалдемократскиот сојуз алармираат дека јавноста сè уште нема добиено на увид никаков официјален документ за квалитетот на водата.

Наместо конкретни резултати и транспарентен увид во стручните наоди, граѓаните добија само усни уверувања од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој паушално се повика на некаква потврда од експерти, критикуваат од опозициската партија.

Повикувајќи се на правото на здравствена безбедност, од СДСМ посочуваат дека институциите се должни детално да образложат врз основа на кои точни параметри е дозволено водата да се користи за лична хигиена, имајќи го предвид високиот ризик за најранливите групи, пред сè малите деца и повозрасните лица.

„Здравството треба да зборува, а не МВР“

Од партијата децидно сметаат дека стручниот збор за вакви чувствителни епидемиолошки прашања мора да го имаат здравствените авторитети. Според нивните тврдења, гарант за безбедноста треба да биде Институтот за јавно здравје и надлежните медицински установи, а не Министерството за внатрешни работи.

Во официјалното соопштение упатено до медиумите, од СДСМ директно го повикуваат министерот Тошковски да ги покаже документите кои ја оправдуваат одлуката:

„Нека Тошковски и Владата го објават официјалниот документ со анализите на водата, кој го потпишал и која институција стои зад оваа одлука. Граѓаните имаат право да знаат“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Exit mobile version