Со недели СДСМ бара а Владата одбива да објави официјален и целосен извештај за квалитетот и безбедноста на водата во Гостивар. Каде е целиот извештај за водата во Гостивар? Клековски објави само четвртина, стои во соопштението на СДСМ.
-Делче само. За останатото, граѓаните ги упати кај ЦУК, кај АХВ и кај „Комуналец“. Ако сакате да знаете што сте пиеле – шетајте од институција до институција и соберете си го досието сами. По 22 дена загадена вода и околу 5.000 заболени, граѓаните не бараат парче од извештај. Бараат еден, целосен документ, велат тие.
Велат треба да се дадат сите мостри. Сите лабораториски анализи. Сите датуми. Сите утврдени бактерии и вредности. Сите институции што вршеле испитувања.
-И најважното – кој, врз основа на кои резултати и со чиј потпис утврдил дека водата е безбедна за пиење? Не четвртина кај Министерството. Не остаток кај „Комуналец“. Не парче кај АХВ. Не алиби кај ЦУК. Ако извештајот е целосен, зошто граѓаните мора да го бараат по делови? Ако фактите се јасни, зошто податоците се расфрлани по институции? Ако нема што да се крие, зошто граѓанинот треба да стане курир меѓу институциите на истата власт?, велат од опозицијата.
Додаваат дека водата за пиење е прашање на јавно здравје. Информациите за нејзината безбедност не се сопственост на едно претпријатие или архива што граѓаните треба да ја бараат на шалтери.
-Тие мора да бидат јавно објавени. На едно место. Во еден целосен извештај. Со сите резултати и со потпис на одговорните. СДСМ бара веднаш да биде објавен целиот извештај за водата во Гостивар. Не четвртина извештај. Не четири адреси. Не нови изговори. Објавете го целиот извештај, бара СДСМ.


