Одлуката на Соединетите Американски Држави да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не е „техничка пауза“ туку предупредување. Стануваме земја од „третиот свет“, се вели во соопштението од СДСМ.
„Македонија денес ја плаќа цената на погрешните политики на Мицкоски што водат кон затворање, изолација и губење на довербата кај стратешките партнери.
Надворешната политика на оваа влада е сведена на антиамерикански активности на најблиските соработници на Мицкоски, како неговиот вицепремиер Стоилковиќ, кој има отворени проруски ставови, директни врски со Москва.
Истовремено, сведоци сме на агресивна анти-ЕУ кампања. Наместо реформи, намерно се продуцираат судири со Грција и Бугарија, повторно се отвораат затворени прашања, со единствена цел – да се оправда изолацијата и да се избегнат вистински решенија.
Во таа смисла, мерката на САД е индикатор за тоа каде реално се наоѓа Македонија на меѓународната мапа: во периметарот на Сомалија.
Ова се само првите чекори. САД веќе носат и Закон за Западен Балкан, насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата.
СДСМ ќе продолжи јасно, гласно и одговорно да ја разоткрива оваа опасна агенда на власта и да се бори против политиките на изолација, криминал и разорување на стратешкото партнерство со САД“, стои во соопштението од СДСМ.

