СДСМ: Скандалозно е што Мицкоски го штити Изет Меџити при јасни докази

 

Скандалозно и истовремено комично е што Мицкоски за „пет минути“ ги проверил доказите кои СДСМ ги достави за Изет Меџити. Повеќе од јасно е дека тој го штити Меџити и се прави слеп на докази кои се јасно потврдени од институциите на државата, реагира СДСМ откако Владата претходно соопшти дека наводите се неточни.

Според СДСМ, со ова јасно се потврдува дека Мицкоски е заложник на Изет Меџити и неговите политики.

„Прво криеше дека Меџити има планирано 3.000 партиски вработувања додека списоците за вработувањата веќе на големо се споделуваат по социјалните мрежи. Сега го крие и штити за скандал и прекршување кое го потврдил со документи Државниот управен инспекторат. Мицкоски, кој тврдеше дека ќе бара одговорност од секој функционер кој се огрешил, денеска по кој знае кој пат си го погази ова ветување. СДСМ му даде шанса да докаже на дело дека се залага за владеење на правото и почитување на процедурите и да побара одговорност од Изет Меџити, но тој реши да го штити. Со што го задолжил Меџити Мицкоски за вака да се брука? При јасни докази наведени од Државниот управен инспекторат Мицкоски се прави слеп“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Како што се додава, непобитен факт докажан од државна институција е дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети надвор од своите надлежности. Повеќе од јасно е, велат социјалдемокртите, дека со ова сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните кои побаруваат дозволи и лиценци од министерството кое го води.

СДСМ бара ДКСК да поведе постапка и ќе ја достави целата документација. СДСМ бара обвинителството да постапи по допрен глас итно и неодложно за скандалот.

 
25.02.2025 - 14:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега