СДСМ: Сега е моментот за одлука и забрзување на евроинтеграциите
Како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“ денеска со граѓаните на општина Кавадарци беше членот на ЦО Оливер Спасовски, а портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска заедно со Милена Стевановиќ оствари средби со граѓаните на општина Кичево.
Спасовски пред граѓаните на Кавадарци истакна дека е добро што започна дијалог со опозицијата, додавајќи дека сега е време за одлука за усвојување на уставните измени и забрзување на европскиот пат на државата.
-Ова се одлуки за иднината на државата и граѓаните, ова не го правиме заради Владата или партијата, туку за државата и за иднината на генерациите пред нас. Ова е момент за забрзување на евроинтеграциите и секоја партија треба да одлучи. Треба да го искористиме моментот и да донесеме одлуката. Изборот е дали ќе одиме во интеграција во ЕУ или во изолација, рече Спасовски, додавајќи дека ДПМНЕ се однесува непринципиелно и ги менува ставовите.
За европската иднина на државата во Кичево зборуваше и портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, која нагласи дека државата како никогаш досега има силна меѓународна поддршка за членство во ЕУ со признаен македонски јазик и идентитет.
Последен доказ за тоа е Резолуцијата усвоена во германскиот Бундестаг, со која се потврдува македонската култура, идентитет и јазик, како дел од европското културно наследство, истакна Кузеска, додавајќи дека ДПМНЕ не направи ништо и не лобираше кај своите сестрински партии во Германија да ја поддржат резолуцијата.
СДСМ покажа државнички капацитет и подаде рака за дијалог. Мицкоски и ДПМНЕ променија став, веќе не се против уставни измени, прифаќаат учество во заедничка Влада и признаваат легитимитет на Собранието да ги донесе уставните измени. Дијалогот треба да продолжи. Сега на Мицкоски и опозициската ДПМНЕ е да покажат дали се интеграција во ЕУ, порача портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска во Кичево.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа