СДСМ обвинува дека премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се заинтересирани за реформи во Изборниот законик, туку, како што велат, за создавање простор за изборни злоупотреби.

„Мицкоски вели да сме кажеле што сакаме за Изборниот законик, ќе прифател. Кажуваме, сакаме да не ги крадеш гласовите на граѓаните на избори, преку дијаспората“, се наведува во соопштението.

Од партијата тврдат дека власта прво ја укинала техничката влада „на сила, без политички консензус“, а потоа се обидела да воведе електронско гласање на дијаспората без, како што велат, соодветни механизми за контрола и гарантирање на изборниот интегритет.

„Откако тој обид не му помина, предложи нов модел – гласање по пошта, повторно без соодветна контрола и без механизми што ќе ја гарантираат слободно изразената волја на граѓаните“, велат од СДСМ.

Според партијата, зад предлозите за гласање на дијаспората се крие обид за манипулација со околу 200.000 гласови.

„Единствен виновен за тоа што нема консензус за Изборниот законик е Христијан Мицкоски. Проблемот не е во опозицијата. Проблемот е во власта и во Христијан Мицкоски“, се додава во реакцијата.

Од СДСМ порачуваат дека нема да дозволат, како што велат, „изборен грабеж“ и дека ќе се спротивстават на секој обид за манипулација со гласот на граѓаните.

Exit mobile version