Седумдесет и тригодишен жител на радовишкото село Калуѓерица бил лишен од слобода откако, според пријавеното, запалил оган на нива, а пламенот се проширил и зафатил повеќе површини и објекти.

Од МВР информираат дека случајот бил пријавен на 8 јули во 12:50 часот, по што полициски службеници од ОВР Радовиш го привеле Л.М. од истото село.

Пожарот најпрво избувнал на нива во сопственост на неговиот брат, а потоа се проширил на сува трева, дел од игралиште, нива засадена со луцерка, насади со ореви и мал дел од сушара за тутун.

Според полицијата, постоела опасност огнот да се прошири и кон околните куќи, но пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Радовиш.

Повредени лица нема, а за настанот е известен јавен обвинител.

По целосно документирање на случајот, против приведениот ќе следува соодветна пријава.

Exit mobile version