СДСМ поднесе кривична пријава по нападот врз млади активисти во Ново Село, обвинувајќи дека девет дена по инцидентот нема распити и истрага.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција изјави дека институциите молчат и ја обвини власта дека ги штити, како што тврди, сторителите.
„Поминаа девет дена од нападот на младите активисти во Ново Село, а досега никој не е повикан на распит, нема истрага, нема ништо. Власта ги штити насилниците, молчи Јавното обвинителство, молчи МВР“, рече Димитријевиќ.
Тој обвини дека по физичкиот напад следувале и, како што ги нарече, „лаги и конструкции“ во јавноста, а дополнително посочи дека на прес-конференција биле објавени доверливи податоци од документи од Полициската станица Струмица.
„ВМРО-ОКГ на прес-конференција објави доверливи податоци од документи од Полициската станица Струмица. Документи и податоци до кои немаат право на пристап и кои се водени како службена тајна. А тоа е ново кривично дело“, изјави генералниот секретар на СДСМ.
Од СДСМ информираат дека поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за гонење организиран криминал.
Пријавата, според партијата, е поднесена против полициски службеници во СВР Струмица поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, оддавање службена тајна и злоупотреба на лични податоци.
Од СДСМ тврдат дека доверливите податоци од казнената евиденција биле извлечени и искористени за партиски цели.
Кривична пријава е поднесена и против Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, кого СДСМ го сомничи за злоупотреба на лични податоци и поттикнување на кривични дела.
„Сега Јавното обвинителство е на потег. За прекршување на законите мора да има одговорност“, порача Димитријевиќ.
Тој додаде дека СДСМ очекува институциите да го расчистат случајот и да утврдат одговорност за сите лица за кои ќе се утврди дека ги прекршиле законите.


