Лага е дека СДСМ е против тоа дијаспората да гласа. СДСМ е против Мицкоски да гласа наместо дијаспората, обвинуваат од СДСМ.
Сведоци сме на нов обид за изборен грабеж со гласовите од дијаспората на шефот на организираната криминална група, Христијан Мицкоски.
Откако се спротивставивме и го блокиравме нивниот предлог за електронска кражба на гласовите од дијаспората, поради огромниот ризик од злоупотреби, сега се бара алтернативен метод за остварување на истата цел.
Очигледно е дека ВМРО-ОКГ нема намера да се откаже од злоупотреби и манипулација со гласовите на над 200 илјади граѓани од дијаспората.
Замената на електронското гласање, без никаква контрола, со писма по пошта, без притоа ДИК да има можност да го регулира со консензус, не е гарант за безбедност и контрола на слободно изразување на вољата на граѓаните, туку нова можност за изборни манипулации и нерегуларности.
Гласање преку пошта без строга институционална верификација оневозможува да се утврди идентитетот на гласачот и да се заштити тајноста на гласот. Тоа е директно заобиколување на изборните правила.
СДСМ нема да дозволи изборен грабеж, ние имаме обврска да го заштитиме гласањето и овие игри на ВМРО не ги прифаќаме.
Власта треба да се откаже од овие намери, да се повлече и да се достави предлог ДИК со консензус да може да го регулира гласањето на дијаспората.
Ниеден обид за кражба и злоупотреба на вољата на гласачите нема да Ви помине, исто како што не ви поминуваат ни платформите за иднината на Мицкоски – ЗНАМ 2.0, стои во реакцијата на опозицијата испратена до медиумите.


