СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски повторно се задолжува и дека до крајот на годината ќе треба да обезбеди нови средства преку задолжување.
Од партијата наведуваат дека на седницата одржана на 29 септември Владата одобрила ново задолжување до 250 милиони евра преку издавање должнички хартии од вредност на меѓународниот финансиски пазар. Според СДСМ, средствата се наменети за буџетска поддршка.
Од опозициската партија тврдат дека во 2026 година нема доспеани долгови за враќање и оценуваат дека новото задолжување не е наменето за сервисирање на стари обврски, туку за финансирање на тековните расходи.
СДСМ тврди и дека со новото задолжување јавниот долг достигнува околу 11 милијарди евра, додека, според партијата, со обврските на јавните претпријатија тој надминува 63 проценти од БДП.
Од партијата истакнуваат дека буџетскиот дефицит изнесува околу 900 милиони евра, а дека финансиската состојба на ПИОМ дополнително ја зголемува загриженоста за состојбата со јавните финансии.
СДСМ ја обвинува Владата дека со политиката на задолжување го зголемува јавниот долг и тврди дека во изминатите две години тој пораснал за околу четири милијарди евра.
Од опозициската партија велат дека новото задолжување е потврда на нивните претходни предупредувања за, како што оценуваат, влошување на состојбата со буџетот и економските политики на Владата.


