СДСМ: Обезбедени се 800.000 вакцини за цела 2021 година, а првите дози од вакцината на Фајзер ги очекуваме веќе во февруари
Трендот на намалување на бројот на новодијагностицирани од коронавирусот, како и на процентот на позитивни од тестираните продолжува, а со тоа се намалува притисокот врз јавното здравство и врз болничките капацитети, велат во своето соопштение утринава од СДСМ.
Од таму наведуваат дека ова се должи на почитувањето на мерки за заштита од коронавирусот од страна на мнозинството граѓани, како и на засилените инспекциски контроли.
„Намалувањето на бројот на заразени и хоспитализирани не е причина за опуштање, туку напротив, сите треба да продолжиме доследно да ги почитуваме мерките за заштита од коронавирусот. Првите вакцини пристигнуваат во земјата веќе од наредниот месец! Обезбедени се 800.000 вакцини за цела 2021 година, а првите дози од вакцината на Фајзер ги очекуваме веќе во февруари. Истовремено, Владата преку два други механизми ќе обезбеди дополнителни дози на вакцини против коронавирусот. Едниот од нив е „Ковакс“ механизмот од каде се очекуваат уште 833.000 дози на вакцини, а како трет механизам се преговорите со земји членки на ЕУ кои се подготвени да отстапат дел од нивните вакцини“ велат во соопштението.
Од партијата потенцираат дека вкупно, преку сите три механизми во оваа година треба да се обезбеди вакцинација за 1,2 милиони жители на Македонија, односно за околу 60 отсто од вкупното население.
„Вакцинацијата е последната фаза од борбата против коронавирусот. Институциите се подготвени, следува процес на имунизација на целото население, за конечна победа над пандемијата. Затоа е потребно трпение и дисциплина од секој еден од нас, за што побрзо да се вратиме во нормалните текови на животот.“ велат од СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа