Од СДСМ велат дека државата повторно излегува на пазар да се задолжува, посочувајќи дека на 20 октомври се најавени 92 милиони евра државни хартии од вредност. Според партијата, станува збор за уште едно задолжување што ќе падне на товар на граѓаните.

Од СДСМ обвинуваат дека Мицкоски за две години ја задолжил државата за четири милијарди евра, што, како што наведуваат, претставува половина од долгот акумулиран од независноста досега. Од партијата посочуваат и на вториот ребаланс на буџетот и најавата за трет, оценувајќи дека Владата постојано ја зголемува задолженоста.

Според СДСМ, наместо да се подготвува буџет за следната година, Владата ги покрива финансиските дупки со нови задолжувања. Од партијата тврдат дека парите завршуваат во сомнителни тендери и провизии, наместо во повисоки пензии и плати, зголемување на минималната плата и поддршка за земјоделците.

Од СДСМ ја критикуваат и изјавата на министерката Кочоска за стабилноста на економијата, прашувајќи каква стабилност може да има со милијарди евра нови долгови, ниски примања и растечки трошоци за живот. Од партијата посочуваат дека младите продолжуваат да ја напуштаат државата, а животниот стандард на граѓаните останува низок.

„Задолжувањето не е развој. Задолжувањето е сметка за идните генерации“, велат од СДСМ, од каде што оценуваат дека додека Владата зборува за економски напредок, државата продолжува да се задолжува, а товарот го плаќаат граѓаните.

Од СДСМ порачуваат дека власта повторно ќе се врати во рацете на граѓаните и дека, како што наведуваат, одговорност мора да има пред независно судство и пред Лаура Ковеши.

Exit mobile version