Можностите за нови инвестиции во енергетиката, складирањето електрична енергија и модернизацијата на мрежната инфраструктура биле во фокусот на средбата меѓу министерката за енергетика Сања Божиновска и делегација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која престојува во земјава.
Разговорите биле насочени кон поголемо искористување на обновливите извори на енергија и создавање услови за приклучување нови производствени капацитети. Во таа насока, била истакната потребата од зајакнување на електропреносната мрежа, во координација со МЕПСО, како и од развој на системи за складирање на произведената енергија.
Божиновска посочила дека интересот за користење обновливи извори е сè поголем кај граѓаните и компаниите, поради што Министерството ќе продолжи да работи на создавање услови за нивно пошироко користење. На средбата било разговарано и за нови инвестиции преку јавно-приватни партнерства, како и за законските решенија што треба да го поттикнат развојот на енергетскиот сектор.
Меѓу темите биле и критичните минерални суровини, воведувањето паметни мерни системи и подзаконските акти поврзани со механизмите за договори за разлика во цената (CfD) за електричната енергија од обновливи извори.
Посебно внимание било посветено на регионалното енергетско поврзување. Божиновска ја информирала делегацијата за напредокот во поврзувањето со Грција и Србија, како и за плановите за развој на дополнителни мрежни врски со земјите од регионот. На разговорите била отворена и темата за кибербезбедноста како важен услов за сигурно функционирање на енергетскиот систем.
Во делегацијата на ЕБОР биле директорот за Холандија, Кина, Северна Македонија, Ерменија и Монголија, Рене ван Хел, претставникот на банката во земјава, Фатих Туркменоглу, како и директори задолжени за други региони.
Од Министерството информираат дека на состанокот биле презентирани актуелните законски решенија и реформски активности насочени кон зајакнување на домашниот енергетски систем и модернизација на инфраструктурата. Претставниците на ЕБОР ги поздравиле напорите за создавање стабилен и предвидлив енергетски систем.
Божиновска ја потврдила посветеноста на Министерството на соработката со ЕБОР, со цел спроведување на реформите, зголемување на енергетската сигурност и создавање услови за долгорочен развој на секторот.


