Одлуката за домашен притвор за Артан Груби, според соопштението на СДСМ, не е правна, туку политичка. Таа, како што наведуваат, е последица на политички договор и целосно контролирано судство и обвинителство од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, се врши менување на јавни обвинители за поставување лица под контрола на власта, се елиминираат независни кандидати и се инсталираат партиски кадри.
Се истакнува дека сопруга на поранешен градоначалник на ВМРО е назначена за член на Судскиот совет, додека советник на Христијан Мицкоски е избран во Уставен суд на Република Северна Македонија. Портпаролката на Владата, како што се наведува, има информации за судските пресуди во тек.
Шефот на Обвинителството кој побара куќен притвор за Груби бил поставен на функцијата во Јавно обвинителство Скопје пред еден месец.
СДСМ заклучува дека домашниот притвор за Груби е доказ дека правдата е погребана и дека постои контролирано обвинителство и судство кое одлучува под диктат на Мицкоски и ВМРО-ОКГ. Според партијата, правна држава нема – постои само политички договор и кампања на власта.


