Префрлањето на одговорноста за здравствениот инцидент во Гостивар на локално ниво претставува класична пинг-понг игра во која никој од власта не презема вистинска одговорност, алармираат од опозициската СДСМ. Според реакцијата на партијата, најавите дека Гостивар утре ќе добие само технички исправна вода покажуваат дека проблемот сè уште не е решен за пиење, што отвора сериозен сомнеж кај граѓаните за нејзината безбедност дури и за основна хигиена. Од опозицискиот табор додаваат дека по низата неизполнети ветувања на премиерот Христијан Мицкоски, јавноста веќе нема причина да му верува на ниту едно институционално уверување.

Како што посочуваат од СДСМ, задоцнетото вклучување на алармите и изговорите за системот се само потврда за неспособноста на властите да се справат со кризите. Од партијата подвлекуваат дека начинот на кој се управува со оваа ситуација ги остава граѓаните во постојана неизвесност за нивното здравје.

Од СДСМ преку соопштение изнесоа остри критики за префрлањето на вината и најавената техничка вода:

„Вчера министерот Kлековски призна дека е нивна грешка. Денес одговорноста веќе е префрлена на локално ниво. Како пинг-понг. Никој не превзема одговорност. Само се префрла. Утре Гостивар треба да добие „технички исправна“ вода. Значи – сè уште не за пиење. И сега прашањето е едноставно: Како да им веруваме?, се вели во соопштението на СДСМ што МИА го пренесува интегрално. Кога на Мицкоски и на неговата влада црвените светла и алармите им доцнат, како да веруваме дека оваа „техничка“ вода утре ќе биде безбедна дури и за капење?“

Обвинувања за неисполнети политички ветувања

Во продолжение од реакцијата, опозициската партија отворено прашува како граѓаните да имаат верба во изјавите на премиерот:

„Како да му веруваат граѓаните на Мицкоски за водата, кога тој лажеше за сè? Лажеше дека ќе го врати името. Лажеше за Преспанскиот договор. Лажеше за НАТО. Лажеше дека се загрозени јазикот, културата и националниот идентитет. Лажеше дека ќе ги исполни реформите до 1 Јуни. Лажеше за подобри преговарачки услови со ЕУ – добивме изолација. Лажеше дека правосудството е независно – го приватизираше целосно, само за своите интереси. Лажеше за повисоки плати и пензии. Лажеше за подобри услови за земјоделците.“

Критики за сопственоста на странски државјанства и бизниси

Во завршниот дел од партиското соопштение, СДСМ го визира односот на владејачката партија кон преземањето одговорност:

„Лажеше дека се патриоти и дека немаат бугарски државјанства. На крај, имаат речиси сите, и нивните семејства. И не само пасоши – имаат и фирми и бизниси во Бугарија. Лажеше за сè. Дојде на власт со лаги. Владее со лаги. Како сега да му веруваат за водата оние што му веруваа кога го гласаа? Утре пак ќе ја слушнеме истата приказна: никој не е виновен, само алармот се активирал доцна?!“

Exit mobile version