СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски со новиот ребаланс на буџетот ги намалува средствата за здравството, иако пациентите се соочуваат со долги листи на чекање, дефекти на медицинските апарати и недостиг на лекови.

Од партијата тврдат дека од капиталните инвестиции во здравството се кратат 100 милиони евра, а помалку средства се предвидуваат и за болниците во Штип и Кичево, како и за лекувањето на ретките болести и набавката на инсулин.

Од СДСМ посочуваат дека здравствениот систем веќе се соочува со сериозни проблеми, наведувајќи го како пример периодот од три недели во кој, според нив, во Клиничкиот центар не работел ниту еден компјутерски томограф.

Партијата реагира и за состојбата со ПЕТ-скенот, наведувајќи дека апаратот во изминатите две години имал дефекти и прекини во работата, поради што онколошките пациенти чекале и до пет месеци за преглед.

Од СДСМ велат дека пациентите со малигни заболувања во повеќе наврати се соочувале и со недостиг на потребната терапија, а предупредуваат дека секое одложување на дијагностиката и лекувањето може да има сериозни последици.

Во соопштението се посочува и на недостигот од медицински персонал и ограничените капацитети на дел од клиниките, како и на случајот со труењето во Гостивар, за кој партијата бара одговорност и објавување на резултатите од испитувањата на водата.

СДСМ оценува дека Владата не обезбедува соодветни услови за навремено лекување и сигурна здравствена заштита, а одговорност бара од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски.

Од партијата бараат Клековски да поднесе оставка, обвинувајќи ја актуелната власт за состојбите во здравствениот систем.

Exit mobile version