Владата на италијанската премиерка Џорџија Мелони подготвува итен одговор и заострување на безбедносните мерки по насилничките немири што избувнаа во Милано за време на викендот. Односните одлуки се разгледуваат по безбедносниот состанок одржан во палатата Чиги во Рим, соопштија извори од италијанската влада.
Според агенцијата Анса, владата планира нов декрет за итно воведување дополнителни механизми, меѓу кои е и проширувањето на могуќноста за превентивно притворање на малолетници познати на полицијата како бунтовници, пред одржување јавни собири со висок ризик од насилство. Дополнително, се разгледуваат и мерки за млади луѓе од северноафриканско потекло, познати под терминот „маранца“.
Десничарската партија Лига на вицепремиерот Матео Салвини веќе предложи амандман на законот за државјанство со кој ќе им се забрани на младите од мигрантско потекло осудени за уништување имот да аплицираат за италијанско државјанство на 18-годишна возраст.
„Италијанската влада ќе испрати дополнителни 500 војници да го бранат Милано по дводневните немири за време на кои демонстрантите се судрија со полицијата, ограбија продавници и уништија имот“, потврди вицепремиерот Матео Салвини.
Како што известува британскиот The Guardian, сопствениците на продавници во центарот на Милано предвреме ги затвораат објектите и ги заштитуваат излозите со штици. Меѓу ограбените објекти беа продавниците Decathlon и Arc’teryx, како и филијали на телекомуникацискиот оператор Vodafone.
Насилството започна на маргините на протестите поради зголемувањето на трошоците за живот, при што маскирани групи кршеа излози, ограбуваа продавници и се судрија со полицијата, фрлајќи камења, шишиња и ракети. Досега се приведени над 200 лица, од кои околу 80 проценти се малолетници.
Италијанскиот претседател Серџо Матарела упати остра осуда за инцидентите.
„Безбедноста на нашите општини и градови мора да биде гарантирана, а секоја форма на насилство на овие места е неприфатлива. Ја изразувам мојата целосна солидарност со полицијата“, рече Матарела на отворањето на 39-тото Национално собрание на италијанските покраини.
Случувањата предизвикаа и политички тензии – министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоци го критикуваше градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, кој претходно изјави дека не биле распоредени доволно полициски сили за спречување на немирите. Во меѓувреме, движењето „17 Октомври“ најави нови протести секоја сабота низ повеќе италијански градови.


