оцијалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) остро реагира на, како што велат, небрежноста и неодговорноста на власта по пожарот во Трубарево, обвинувајќи ги надлежните институции за свесно загрозување на здравјето и животот на граѓаните.
„Повеќе од 500.000 жители на Скопје и околината, вклучително и деца, болни, мајки и стари лица, беа оставени да дишат отров по пожарот во Трубарево. Наместо итна реакција, евакуација и предупредување, владата молчеше и уверуваше дека опасност нема“, се вели во соопштението на СДСМ.
Според нив, во воздухот биле измерени концентрации на опасни супстанци како олово, арсен и кадмиум – дури 12 пати над дозволеното ниво – додека институциите не преземале никакви заштитни мерки.
„Кој ќе одговара за ова труење? Кој ќе одговара што институциите ги оставија граѓаните да дишат отров, без предупредување, без евакуација?“ прашува СДСМ, барајќи итна истрага од Јавното обвинителство и кривична одговорност за сите службени лица кои не постапиле.
Партијата побара оставки од министерот за внатрешни работи, министерот за здравство и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Македонија досега не видела понеодговорна и кукавичка власт од оваа на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да се соочи со кризите, таа калкулира, минимизира и лаже, додека граѓаните плаќаат со сопственото здравје“, се додава во соопштението.