СДК: Намалувањето на функционерските казни е пазар со Груевски, за возврат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставни измени

 

„Намалувањето на казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување се прават баш сега во договор со кривично гонети лица од ВМРО-ДПМНЕ, за возврат дел од пратениците да гласаат за уставни измени“, пренесува порталот „САКАМДАКАЖАМ.МК“ повикувајќи се на извори од владејачката коалиција.

-Се е договорено, па затоа молчат и меѓународните фактори, изјавиле претставници од владејачката коалиција за порталот.

„Договорот оди доминантно преку избеганиот Никола Груевски, тој ги обезбедува пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе треба да стиснат зелено копче за уставните измени. Логично, од ова спуштање на затворските казни, за кое се бори со години ВМРО-ДПМНЕ, полза имаат само обвинети или осомничени структури од оваа партија. Од СДСМ и од ДУИ уште нема обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за злосторничко здружување, тоа би било евентуално кога би ја изгубиле власта. Овој договор со ВМРО-ДПМНЕ и со Груевски траеше извесно време и затоа премиерот Димитар Ковачевски цело време спокојно тврди:’Уставни измени ќе има’!”, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК соговорници од власта.

За потсетување, Собранието вчера ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаа реакции во јавноста бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена.

Според Владата, која овие измени ги предложи со европско знаменце, станува збор за усогласување со директивите на Европската Унија. За опозицијата, тоа е обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта. Во меѓувреме, Канцеларијата на ЕУ во Скопје проверува дали е злоупотребено европското знаменце.

Предложените законски измени беа изгласани со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан.

 

07.09.2023 - 11:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега