Републичкото јавно обвинителство сè уште нема донесено конечна одлука дали ќе поднесе жалба на ослободителната пресуда за случајот „Талир 2“. Државниот јавен обвинител, Ненад Савески одговарајќи на новинарско прашање рече прво мора да се добие писмена верзија на пресудата, па дури потоа обвинителите ќе направат анализа на одлуката на Кривичен.
„Не можам да ви одговорам сега, бидејќи како и во секој предмет, така и во овој, ќе се чека писмената верзија на пресудата. Целото образложение ќе се анализира и тогаш ќе се донесе одлука дали судот го убедил обвинителството со својата одлука и образложение или не“, истакна државниот јавен обвинител, рече Савески.
Говорејќи за критиките од политичките партии дека повлекувањето на овластувањата на обвинителката Ленче Ристоска влијаело врз исходот на „Талир 2“ рече дека таквите тврдења не одговараат на фактите.
Савески појаснува, повлечените овластувања се однесувале на постапување на обвинителите во предмети кои не биле под навлежност на своето обвинителство. Во случајот со Рисоска, според него, „Талир 2“ бил под надлежност на ОЈО Скопје.
„Токму овој предмет, доколку таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Во овој предмет моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Доколку останеше, таа ќе работеше на овој предмет. Одлуката на обвинителката Ристоска да поднесе оставка беше нејзина лична одлука“, потенцира Савески.


