Истражните органи испитуваат дали трите пумпи со отпадни води кои се поставени во главниот цевковод во Гостивар се всушност кривично-правен настан. Републичкиот јавен обвинител, Ненад Савески вели дека се преземаат истражни дејствија за да се утврди за што точно станува збор.

„На подрачјето на Основното јавно обвинителство Гостивар се преземаат конкретни истражни дејствија во кои се вклучени сите потребни институции за да се утврди таа состојба. Треба да се види дали станува збор за евентуално кривично-правен настан или се работи за состојба од друг аспект. Така што, во моментов се преземаат истражни дејствија од страна на надлежниот јавен обвинител од ОЈО Гостивар“, вели Савески.

Претходно Министерство за внатрешни работи соопшти дека вчера во 18:20 нивни инспектори излегле на терен по добиен сомнеж за загадување на водата во која се снабдува Гостивар.

„Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик“, велат од МВР.

Освен истражните органи, во случајот се вклучени и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на поставениот систем. Засега нема информации од овие институции во делот на нивните надлежности и испитувања. 

Exit mobile version