Само 72 граѓани досега се изјасниле како Бугари на пописот во Македонија - дипломат бара да се одземаат бугарски пасоши

Само 72 жители на Македонија досега се изјасниле како Бугари на пописот на населението што е во тек, пишува поранешниот конзул на Бугарија во Чикаго, Иван Анчев.


Тој во текст за порталот Фактор.бг додава дека ако на пописот само 1.000 луѓе покажат бугарско национално чувство, тоа би ја лишило Софија од секакви аргументи во актуелниот спор со Скопје.

Анчев додава дека останатите 130.000 баратели на бугарски државјанства потпишале изјава пред нотар дека имаат бугарско потекло и национално сознание, што значи дека дале лажна изјава – дело казниво според бугарскиот кривичен законик.

Дипломатот повикува да им се одземат пасошите на сите оние кои имаат бугарски државјанства, а не се изјаснуваат како Бугари.

„Некои од најголемите критичари на Бугарија на социјалните мрежи, кои најсилно извикуваат: „Бугари-татари“, се горди носители на бугарски пасоши. Од таа гледна точка, следува да запрашам: Дали ни се неопходни такви бугарски граѓани? Носители на бугарски пасош, кои со ништо не придонесуваат кон бугарската нација и бугарскиот народ. Поради таквите, кај мене се раѓа дилемата дали да предложам нешто екстремно: да ја укинеме натурализацијата, односно да им го одземеме државјанството на носителите на бугарски пасоши кои не се самоопределуваат како Бугари на актуелниот попис во РСМ“, вели Анчев во текстот.

14.09.2021 - 17:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега