Салвини: Трамп е единствениот способен да донесе мир

 

Италијанскиот вицепремиер и лидер на партијата Лига, Матео Салвини денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е единствениот лидер способен конечно да донесе мир, за разлика од пропадната и маргинална Европа на чело со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, или Париз и Берлин, пренесоа италијанските медиуми.

Тој во интервју за весникот „Ла Верита“ рече дека на Европа повеќе од војска и се потребни силни национални држави.

Коментирајќи ја дискусијата меѓу американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски, тој рече дека тоа е деликатен момент за кој треба да се размисли.

– Јас и многу други сме убедени дека само Трамп може да донесе мир, рече Салвини.

Тој зборуваше и за улогата на италијанската влада, која ја оцени како најстабилна и најкохезивна на европскиот континент, како и дека има историска можност да ја врати Италија на централно место на меѓународно ниво, како што не е случај од времето на Силвио Берлускони и Бетино Кракси, пренесе агенцијата Нова.

– Владата на Џорџа Мелони, која повикува на единство и дипломатија, работи добро, додека оние, почнувајќи од Фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон, кои зборуваат за европско оружје се опасни, истакна италијанскиот функционер.

Салвини додаде дека тој не треба да зборува за територијални услови во контекст на мировните преговори меѓу Русија и Украина, бидејќи за тоа ќе одлучат Путин и Зеленски.

Салвини го коментираше и Макрон кој ја промовира идејата за испраќање европски трупи во Украина.

– Тоа е погрешна идеја и чин на ароганција од страна на лидер чиј консензус опаѓа дури и во Франција, и кој сè уште мисли дека може да зборува во име на цела Европа. Со договорот кој се наѕира, продолжувањето на разговори за оружје и испраќање војници не е одговорен потег, рече потпретседателот на италијанската влада.

Зборувајќи за заедничка европска армија, тој истакна дека тоа би било опасност, пред се за самата Европа.

– Кој би командувал, кој би одлучувал? Ако таа војска беше овде денес, дали ќе требаше да ги испратиме нашите деца на фронт затоа што тоа го сакаа Урсула или Макрон? За жал, на сите им е јасно дека она што Европа го „обедини“ последниве години, во 99 отсто од случаите се покажа како неуспех за нас, рече Салвини.

03.03.2025 - 18:22

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега