Правосудниот испит и сите други испити кои се поврзани со него во иднина ќе се полагаат и на албански јазик, најави денеска првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали.

Оваа информација тој ја соопшти одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Рина Ајдари од Европскиот фронт.

„Ова ќе го покажеме многу скоро пред јавноста“, изјави Сали, додавајќи: „За првпат централната власт го слушнала гласот на студентите и ќе го реши нивниот проблем еднаш засекогаш“.

Министерот Сали се осврна и на актуелните студентски протести, оценувајќи дека тие се легитимен израз на незадоволство и право на граѓаните, но посочи дека причините за нив се резултат на нерешени прашања од минатото.

„Тие не протестираат за Вреди, протестираат за Европскиот фронт и ДУИ која 22 години не постигна ниту една усогласеност на законот за јазиците“, рече Сали.

Во однос на политичките прашања и коалициите во албанскиот блок, тој истакна дека обединувањето на политичките субјекти треба да се гледа како реалност насочена кон заедничко делување во рамки на европската агенда.

„Во врска со европската агенда Вреди секогаш истакнувал дека нејзината политичка ориентација е интегрирање во Европската унија и јас како министер за европски прашања, сум целосно посветен на исполнувањето на оваа агенда. Јавноста гледа дека Министерството за европски прашања за првпат работи со ваква динамика во спроведување на реформите. Имаме добри резултати, кои покажуваат дека сме добро во Западен Балкан“, истакна Сали.

На крајот, Сали нагласи дека институциите во моментов работат со засилен интензитет во реализирањето на реформите, поради што се очекуваат и нови пакети со финансиска поддршка директно од Европската комисија.

Exit mobile version