Германската полиција спречи обид за напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во хангар на аеродромот во градот Арнсберг, соопшти канцеларијата на државниот обвинител.
„Полицијата спречи три лица да се обидат да го оштетат приватниот спортски авион на германскиот канцелар во ноќта меѓу среда и четврток“, соопшти државното обвинителство во Арнсберг, каде што се наоѓа и приватната адреса на Фридрих Мерц.
Групата што ја презеде одговорноста за обидот за напад наведе дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, без дозвола влегле на аеродромот Арнсберг-Менден. Според соопштението, полицијата интервенирала навреме и спречила оштетување на авионот, кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти се наоѓа и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По интервенцијата, групата „Отпор колектив“ издаде соопштение во кое ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Се обидовме, како дел од протестот, да го онеспособиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. И додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се вози во приватен авион“, се наведува во соопштението на групата.

