Сафет Бишевац- од жесток критичар на Груевски до жесток критичар на Заев

Сафет Бишевац, пред десетина години жесток критичар на тогашната власт, фронтмен на тогашната опозиција, денеска дел од актуелната опозиција и жесток критичар на актуелната власт, во интервју за Пресс24 вели дека не е член ни на едната ни на другата парија, туку вели дека негови принципи се правда, чесност, борба против корупцијата.

ПРЕС24: ВМРО-ДПМНЕ го прослави 31 роденден на партијата. Со колкумина од партиските членови против кои жестоко се боревте, наздравивте за новото враќање на ВМРО ДПМНЕ на власт? Ве прашувам во контекст на критиките кои ги примате, но за воља на вистината не сте баш добредојден во кругот на оваа политичка групација и од дел од нејзините членови?

БИШЕВАЦ: Интересна констатација.. но суштински погрешна...Заедничка се заложбата и  напорите, за промена на актуелниот владеачки хибриден режим предводен од Премиерот Зоран Заев , кој веќе станува очигледно дека ја води државата кон амбис и пропаѓање на сите полиња.. За  ,,воља на вистината,, за која зборувате,  точно е дека неколку поединци од раководството  на партијата, искажале противење за моето вклучување на листата за кандидати на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалиција за минатогодишните парламентарни избори.. можно е дека и дел од т.н. најтврдо гласачко тело на партијата не било ,,среќно,,, со моето вклучување,.. сепак, епилогот и личното искуство ми кажуваат дека сегашното раководствио и гласачите на ВМРО ДПМНЕ, ги споделуваат заложбите за изградба на Македонија како нормална, европска земја..

ПРЕС 24: Можно ли е во ова сега ВМРО-ДПМНЕ да се биде критичар на Никола Груевски и неговата власт, а истовремено да се биде поддржувач на политиката на Христијан Мицкоски?

БИШЕВАЦ: Зошто да не, иако тоа веројатно е подобро да прашате во ВМРО ДПМНЕ. Груевски е дел од ВМРО ДПМНЕ, и не гледам ништо спорно во партијата да се разговара за успешноста и начинот на кој ја водеше партијата. Несомнено Груевски и владата на ВМРО ДПМНЕ добро се справија со големиот предизвик на светската економска криза.. Неговата ѕвезда почна да бледее по самитот во Букурешт, каде Македонија и покрај се, не стана членка на НАТО.. Лично, тоа веќе го кажав дека со него и како опозициски пратеник се согласував со ставот во спорот околу името со Грција.. верувам дека сегашното раководство на ВМРО ДПМНЕ предводено од  Христијан Мицковски може и треба да ја согледа улогата на Груевски во периодот од 2010-2016 во однос на случувањата во државата во тој период.. Големината на лидерите се мери и по нивниот однос кон претходниците, со пофалби за несомнените добри, и уште повеќе со објективно согледување на нивните грешки или лоши политики.. Јас, можам да ви  пренесам личен впечаток, по присуството во својство на гостин, на една седница на Извршниот Комитет на партијата, минатата година.. Претседателот Мицкоски овозможи исклучително демократска атмосфера на размена на мислења, ставови, и стратегии за решавање на актуелни прашања.. За мене тоа беше големо, пријатно изненадување и помогна во носењето на некои подоцнежни одлуки.. Тоа беше, апсолутно спротивно од начинот на кој, според мои пријатели, членови на највисоките тела, со партијата управувале Груевски и Мијалков.  

ПРЕС24: Зошто мислите дека матрицата на ВМРО-ДПМНЕ денеска е поинаква од ВМРО-ДПМНЕ во изминативе 30 години?

БИШЕВАЦ: Се тече... контекстот, временски и политички и геостратешки диктира унапредување на политиките и политичките вештини.. Но , Македонија, како самостојна, независна и суверена држава мора да остане темелна определба..  Но таа треба да стане и држава од европски терк, држава во која ќе владее правото, со европско образование и здравство, држава во која ќе функционираат институциите, држава во која ќе биде гордост да се живее, а не да се бара чаре, што порано да се напушти.. Секако дека ВМРО ДПМНЕ, како клучен темелник има обврска да се бори за таква држава. Да, борбата трае и ќе трае, но од пресудна важност е јасната посветеност во тој правец.. Немам  никаков сомнеж, дека тоа е целта на ова ВМРО ДПМНЕ, предводено од Христијан Мицкоски.

Политиката најчесто е вештина на можното, и затоа е неопходно да се гради општестевен консензус заедно со другите политички субјекти за да дојдеме до таква Македонија.. Велам изградба, а не обнова, бидејки сметам дека сме на работ на амбисот како држава.. бедата и сиромаштијата, културна и материјална, на која сме живи сведоци, не има приковано на самото дно на европските земји по сите параметри.. Ја плаќаме дури и со животите на нашите граѓани, поради неспособната и корупмпирана власт, која не успеа да купи ниту еден респиратор или вакцина против Ковид 19, кога тие најмногу ни беа потребни..

ПРЕС24: Милисте ли дека оваа политика на опозицијата е издржана, демократска и просперитетна опција како одговор на актуелната власт?

БИШЕВАЦ: Таква е каква што мора да биде.. во голема мерка, пресудна би рекол, диктирана од начинот на кои владее СДСМ и коалицијата. Во недостаток на резултати на кое било поле, власта предводена од Заев, фокусот го држи на надворешно-политички несредства за ,,остварување,, на овие цели, инаку определби на сите политички фактори во изминатите 3 децении. Заев и СДСМ, на криминален, или балкански начин што би рекол евро-комесарот Јоханес Хан, не почитувајќи ја вољата на мнозинскиот народ, загрозувајќи го дури и неговиот идентитет, го смени името на државата. Низ тајни преговори со Бугарија, повторувајќи ја игранката која заврши со договорот од Преспа, одбива Собранието на Македонија да расправа и усвои декларација со македонските црвени линии, со што дополнително го загрозува идентитетот на мнозинскиот, македонски народ.. Затоа, протестите против таквите преговори се нужни.. она што охрабрува е фактот што ВМРО ДПМНЕ, паралелно ја подготвува и стратегијата за политичката борба која доаѓа, претстојните локални, а веднаш потоа и предвремени парламентарни избори. Фокусот е на луѓето, без оглед на етничката и верската припадност кои ја сакаат Македонија како своја, нормална и европска држава. И патриотски и европски. Патриотски, да си ја сакаш сопствената држава, но не исклучиво за себе и на сметка на други. Тоа е шовинизам.. Да се бориш со сите сили против криминалот и корупцијата, е врвен патриотизам, а не злото да го затскриваш зад патриотизам.. Да градиш институции кои ќе функционираат во служба на сите граѓани, а не за партијата на власт. Да изградиш најдобро можно образование, кое ќе биде еден од темелите на тој патриотизам. Има ли поголем патриотизам од тоа да обезбедиш врвно здравство достапно за сите граѓани? Да ги сочуваш воздухот, водата и земјата од загадување за своите идни генерации е врвен патриотски дострел...Економијата е предуслов, а на тој план ВМРО ДПМНЕ има со што да се пофали и во времето на Георгиевски, и во најголемиот дел од владеењето на Груевски.. едноставно ВМРО ДПМНЕ секогаш на тој план било многу поуспешна од СДСМ..така ќе биде и овој пат..

ПРЕС24: Од денешна дистанца што беше пресудно да ја промените политичката ориентација? 

БИШЕВАЦ: Ајде да видиме што всушност е сменето. Не бев член на СДСМ, не сум член на ВМРО ДПМНЕ. Моите принципи се исти, правда, чесност, борба против корупцијата и криминалот, подобро образование и здравство. Слободни и професионални медиуми. Да, и сега стојам зад секој изговорен збор и акција во борбата против режимот на Груевски.. И да, и сега стојам зад секој изговорен збор и потег против режимот на Заев, кој не е ништо друго освен модифицирана верзија на заробената држава и владеење на двоецот Груевски-Мијалков. Исти шеми, различни актери, сега тоа се Заев-Вице-Рашковски-Филипче. Селективна правда е најголемата неправда, е омилената стратегија на власта. Обвинителството и судството и сега, дури и поотворено од минатото се последната одбрана на режимот на Заев и ДУИ.. Омилениот аргумент на кликата на власт е сега ги судат, порано беше незамисливо, е само неубедлива пр-стратегија на чуварите на ,,ликот и делото ,,на несудениот ,,нобеловец,, - рекет, леонардо , пасоши, дури и невешто дементираните шпекулации за провизии од вакцините, пропаста на Еуростандард Банка, криминалот на Ден Дончев... во секоја нормална држава, еден од овие скандали ќе беше доволен за заминување на власта , бидејќи станува збор за најблиски или блиски луѓе на Премиерот.. Значи, станува збор за принципи и ставови во кои длабоко верувам и  не можам ниту сакам да се откажам. Ја знаете онаа, непријателот на мојот непријател е мој-пријател.. Да, му верувам на Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски.. Да,  гледам во таа партија многу млади, интелигентни, вредни и способни луѓе кои се подготвени да ја градат иднината на државата, речиси од почеток, за да ја спасат од пропаѓање.. И да, ќе ми биде задоволство да помогнам во тоа, колку што можам..

ПРЕС24: Како го оценувате проширувањето на критериумите за црната на листа на САД од новиот американски пртеседател, кои се однесуваат на Балканот, но и на Македонија? 

БИШЕВАЦ: Неговата извршна наредба е само проширување на еден сличен акт од почетокот на 2006 год со кој некогашниот премиер Љубчо Герогиевски, Мендух Тачи, Џевад Адеми и Љубе Бошковски добија забрана за патување во САД. И тој, и актот на Бајден, важи за регионот на Западен Балкан, а причината е загрозување на регионалната стабилност и безбедност. Во суштина станува збор за предупредување дека САД ги следат активностите на одредени личности, кои со својата бизнис или политичка моќ, имаат влијание или дејствуваат во насока која за САД е неприфатлива. Забраната за патување, или неможноста да отворите банкарска сметка во САД, не е казна со која не можете да живеете. Но е исклучително важна како сигнал дека вашите активности се следат од будното око на САД, што има ограничувачки непријатности со кои тие лица се соочуваат.. Власта и нејзините медиумски мегафони се обидуваат актот на Бајден да го претстават како потврда за важноста на преспанскиот договор за промена на името на државата. Улогата на САД во постигнувањето на преспанскиот договор е јавна тајна, исто како и во охридскиот договор, кој практично целосно е реализиран.. Но, за мене клучно е инсистирањето на САД, во борба против метастазираната корупција во највисоките ешалони на власта во овие држави, каде Македонија е типичен пример..Сетете се дека сме на 115 место според перцепцијата за корупција на влијателната Транспаренски Интернационал. Корупцијата во Македонија цвета, а борбата против неа е само декларативна. Таквата корупција го уништува општеството, води кон негова дестабилизација и безбедносен ризик и за државата и за регионот. Оттаму, мислам дека многу повеќе загриженост за власта треба да предизвика овој дел на наредбата. Дека токму тоа е главната цел на актот на Бајден, а тоа е ставањето на поранешниот претседал на Албанија Сали Бериша и неколкумината бугарски бизнис и медиумски тајкуни на таа листа. Мислам дека во тој правец ќе одат работите и во Македонија..

ПРЕС24: Пред да влезете во политиката бевте новинар. Дали таа кариера е завршена за вас?

БИШЕВАЦ: Да.. таа приказна е завршена и не ми е жал за тоа. Иако понекогаш си дозволувам да ја коментирам професионалноста на моите пријатели од новинарска фела :)))

ПРЕС24: Претходната власт најмногу ја обвинувавте за гушење на медиумите и новинарството. Каква е Вашата денешна оценка за новинарството?

БИШЕВАЦ: Шегата на страна, лошата состојба во новинарството е одраз на севкупната состојба во која е државата. Виновни за тоа се и новинарите, но пред се политиката која не избира начини да го обезбеди влијанието врз медиумите. Се разбира ќе речете дека сега е послободно и можете да објавите се што ќе дознаете. На прва навистина е послободно, бидејќи целата медиумска машинерија која режимот на Груевски ја контролираше и плакаше сега дише послободно, но само онолку колку дозволува актуелната власт, и само доколку тоа не задира во бизнис интересите на сопствениците на медиумите. Погледнете го примерот со Алфа ТВ и ќе видете што се случува со оние кои не се по вољата на Заев и СДСМ. Прогласувањето за непријатели на новинари и вработени на Алфа ТВ, е индикатор за сериозно уривање на демократијата во земјата. И второ, слободата подразбира да можете да влијаете врз процесите во општеството, а во тоа сега не сум убеден. Едноставно економската зависност во која се наоѓаат новинарите, пресудно влијание врз нивната работа. Погледнете само колку луѓе заминаа од медиумите, за да работат како портпароли во министерства, агенции, за сигурна и подобра плата. Но има новинари кои се уште, професионално по сите новинарски стандарди се борат за правото на јавноста да ја дознае вистината. Тука се и независните новинарски истражувачки групи, кои успеваат  да дојдат до приказните, кои  по правило не се по воља на истакнати членови на владеачката гарнитура..

 

19.06.2021 - 13:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега