САД побараа од Србија да ги повлече своите сили распоредени покрај границата со Косово

Соединетите Американски Држави го следат загрижувачкото распоредување на српската војска долж границата со Косово, што го дестабилизира регион, соопшти Белата куќа денес и го повика Белград да ги повлече силите.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби им кажа на новинарите дека НАТО ќе го зголеми бројот на своите сили на северот на Косово поради растечките тензии.

Судирот од минатиот викенд меѓу косовската полиција и триесетина локални Срби кај селото Бањска на северот предизвика загриженост на Западот за стабилноста на Косово. Кирби кажа дека нападот не бил случаен и дека откриеното оружје претставува закана не само за Косово туку и за меѓународните сили, вклучувајќи ги и војниците на НАТО.

„Секој кој е вклучен во овој напад мора да одговара“, кажа тој. Ги повика српските власти да помогнат во истрагата.

„Ја повикуваме Србија да ги повлече своите сили од границата и да продолжи да ги смирува тензиите“, додаде Кирби.

„Големото разместување на српската војска долж косовската граница е операција која вклучува невидено распоредување на артилерија, тенкови и војници“, што за Кирби е дестабилизирачки развој.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно денес разговарал преку телефон со српскиот претседател Александар Вучиќ за да ја пренесе американската загриженост, а советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливен разговарал со косовскиот премиер Аљабин Курти за настаните и ја истакнал важноста на дијалогот.

29.09.2023 - 23:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега