Министерството за правда на САД ја прекласифицира марихуаната, одобрена од агенцијата ФДА и лиценцирана од сојузните држави, во категорија помалку опасни дроги, изјави вршителот на должност министер за правда Тод Бленш.
Прекласификацијата не значи дека марихуаната ќе биде легализирана во сите американски сојузни држави. Министерството за правда иницира и итно сослушување за да се разгледа поширока прекласификација на марихуаната во законските категории.
– Оваа одлука за промена на категоризацијата овозможува истражување на безбедноста и ефикасноста на оваа супстанција, што на крајот ќе обезбеди подобра грижа за пациентите и посигурни информации за лекарите – наведе Бленш.
Одлуката за прекласификација претставува една од најзначајните промени во федералната политика за марихуана во изминатите децении. Таа уследи по извршната наредба на Доналд Трамп од декември, со која му беше наредено на Министерството за правда да ги ублажи ограничувањата за марихуаната.
Се очекува овој потег да ја трансформира индустријата за канабис со намалување на даночните оптоварувања и олеснување на пристапот до финансирање на компаниите.
Акциите на компаниите во секторот забележаа силен раст на американските берзи по објавувањето на одлуката, помеѓу шест и тринаесет проценти.
Со години, марихуаната беше класифицирана на исто ниво како и хероинот, и покрај тоа што изминатите години речиси половина од американските сојузни држави го легализираа канабисот.


