Рускиот гигант „Гаспром“ ја прекина испораката на гас преку Полска

Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ денеска објави дека повеќе не може да извезува гас преку гасоводот Јамал-Европа низ Полска, бидејќи владата во Москва забрани соработка со сопственикот на полската рута на гасоводот.

„Спроведена е забрана за трансакции и плаќања на санкционирани субјекти. За ‘Гаспром’ тоа значи забрана за користење на гасоводoт во сопственост на ‘Еуропол гас’ за транспорт на руски гас низ Полска“, се вели во соопштението на руската компанија.

Русија синоќа воведе санкции за подружниците на „Гаспром“ во земјите кои ги има посочено како непријателски, вклучително и компанијата за трговија, складирање и пренос на енергија на „Гаспром Германија“, која Германија ја национализира во април за да обезбеди снабдување со гас.

Забранета е и соработка со сопственикот на полскиот дел од гасоводот Јамал-Европа, кој транспортира руски гас во Европа. Москва на тој начин одговори на санкциите воведени кон Русија од страна на САД, Европската Унија, Швајцарија и некои други земји поради нејзината инвазија на Украина.

Санкционираните компании не можат да учествуваат во испораките на руски гас и со нив не може да се тргува, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Полскиот „Еуропол гас“ заработува од транзитот на руски гас и е во заедничка сопственост на полската гасна компанија PGNiG и руски „Гаспром“.

12.05.2022 - 17:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа