Ристески: Животот нема цена, ВМРО-ДПМНЕ го поддржува законот за набавка на лекови за пациентите од цистична фиброза

Законите за изменување и дополнување на законот за здравственото осигурување и законот за лековите и медицинските средства ВМРО-ДПМНЕ јасно и недвосмислено ќе ги поддржи без разлика колку чинат, бидејќи се работи за живот, а животот не се плаќа со ниедни пари, вели пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ од собраниска говорница.

Ристески истакна дека скоро месец дена се чекало овие два закони да се стават на дневен ред, укажувајќи дека пациентите се колатерална штета на политиките на Ковачевски.

Овој закон е пратен во собранието на 24 февруари. Зошто се чекаше скоро месец дена за да се стави на дневен ред, ние како пратеничка група ќе го подржавме уште наредниот ден и ќе направивме кворум за да се донесат овие закони, и овие лекови кои што живот значат за пациентите со цистична фиброза ќе ги добиеја многу побрзо отколку сега, рече тој.

Пациентите се колатерална штета на политиките на Ковачевски. Наместо многу порано кога пациентите уште во декември протестираа пред министерството за здравство и пред владата барајќи живот со паролите „Ние сме деца и млади кои сакаат да живеат, не сме ставка во буџетот“, премиерот се договараше во парламентот со партиите кој да влезе, а кој да излезе од власта и изгуби повеќе од месец дена, додаде Ристески.

Пратеникот Ристески од говорница ја цитираше изјавата на еден од пациентите болни од цистична фиброза, изјавувајќи дека владата на СДС и Ковачевски со тоа што набавува лек само за неколку пациенти ги поделиле граѓаните и по оваа основа.

Еден од пациентите со цистична фиброза во моментот кога кажувате дека се набавени лекови за 8 пациенти, и за уште 4 пациенти дека ќе бидат набавени, вели дека ги поделивте и по оваа основа, потенцираше Ристески.
16.03.2023 - 21:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа