Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска порача дека секоја законска иницијатива што е во насока на заштита на здравјето на граѓаните треба да ја добие потребната поддршка. Тој, одговарајќи на новинарски прашања во општина Кисела Вода, потврди дека се подготвува нов закон против пушењето.

Ристески појасни дека процедурата ја води Министерството за здравство, но најави дека сите засегнати страни ќе бидат консултирани пред конечните решенија.

„Новиот закон против пушењето, кој е во најава, е во надлежност на Министерството за здравство, а не на Министерството за економија и труд. Секако дека ќе има средби со угостителите и со сите со цел да бидат запознаени, пред сè, од страна на Министерството за новиот закон“, изјави Ристески.

Според него, важно е македонската регулатива да се усогласи со европските стандарди, притоа ставајќи го јавниот интерес на прво место.

„Јас сметам дека треба да има поддршка на секој закон што, пред сè, го штити здравјето на граѓаните и постепено законската регулатива да ја адаптираме и приспособуваме на европските законски регулативи“, додаде заменик-министерот.

Exit mobile version