Стопанска комора на Северна Македонија денес организира настан насловен „Револуција во образованието: моќта на дуалното образование во Македонија“ – прв заокружен проект од трите клучни приоритети на Комората. Целта е да се презентираат резултатите и активностите што ги реализираше бизнис-заедницата во процесот на имплементација на дуалното образование, како и да се понуди инспирација за следните чекори во унапредување на квалитетот на образовниот систем.
Со воведни обраќања ќе се обратат министерката за образование и наука Весна Јаневска и претседателот на Комората, Бранко Азески.
Од Комората информираат дека активно се вклучени во реформите на образованието со цел создавање кадар усогласен со потребите на бизнис-секторот, при што се јавуваат како главен иницијатор за имплементација на дуалното образование – модел што се смета за еден од најефикасните за обезбедување стручен и квалификуван кадар. Во овој процес досега се вклучени околу 1.000 компании и 65 стручни училишта.
Во продолжение на настанот, претставниците на компаниите ќе имаат можност активно да учествуваат преку поставување прашања и споделување искуства од досегашното вклучување во моделот на дуално образование.


