Платите на избраните и именуваните функционери ќе претрпат сериозно кратење, најави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски. Пратеничката група веќе поднела пакет-измени на шест закони со кои платите на функционерите ќе се намалат за износ од 10.000 до 13.000 денари, а кај одредени позиции кратењето ќе биде уште поголемо.
Според најавите, овие законски измени треба да бидат изгласани по итна постапка веќе во текот на утрешниот ден.
„Основната цел на овие измени е воспоставување поправична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите се усогласуваат со реалните економски услови во државата“, изјави Стојаноски.
Тој појасни дека заштедените средства нема да останат во буџетот, туку ќе бидат пренаменети за клучните сектори како здравството, образованието и социјалната заштита. Намалувањето на платите ќе стапи на сила веднаш и ќе важи веќе со исплатата на февруарската плата.


