Рекордна заплена на злато во вредност од 2,3 милиони евра на скопскиот аеродром

 

Вчера, во вечерните часови, на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’, царинските службеници открија и запленија над 43 килограми златен накит. Ова е рекордна заплена на златен накит, која се проценува на вредност од речиси 2,3 милиона евра. Ова го истакна директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, на прес-конференција, на која информира за заплената на златниот накит.

Имено, по претходни сознанија и основан сомнеж, лице со српска патна исправа, кое пристигнало со редовниот вечерен лет од Истанбул, е упатено на детален претрес и преглед на багажот. Притоа во неговиот куфер и во рачниот багаж е откриен разновиден златен накит пакуван во најлонски кеси, меѓу кои и накит од бело злато со дијаманти со приложени сертификати. Лицето претходно се упатило на зелен канал и не ја пријавило стоката.

Лицето и стоката се привремено задржани и во моментот се спроведува истрага. Во истрагата се вклучени Секторот за контрола и истраги и Секторот за професионална одговорност на Царинската управа. За случајот веднаш e известен дежурниот јавен обвинител за спроведување понатамошни истражни дејства.

„Царинската управа во рамките на своите приоритети за заштита на општеството и безбедноста на граѓаните силно е фокусирана на борбата против криминалот и спречување на нелегалната трговија. Во 2022 година бележиме двојно зголемување на бројот на случаи на спречување недозволена трговија во сите категории во однос на 2021 година“, истакна Кутиров.

Во споредба со 2021 година, кога имало 58 случаи на заплени, минатата година се евидентирани вкупно 114 случаи на заплени, и тоа: над 8 тони дроги и психотропни супстанци, како и заплени на девизи, злато и акцизна стока во вредност од над 2 милиона евра. Од нив, во 5 случаи се запленети 33,8 килограми злато, со проценета вредност од речиси 1,5 милион евра. Предадени се на Агенцијата за одземен имот, која понатаму го депонира во Народната банка до правосилно завршување на судската постапка.

Од почетокот на 2023 година, како што информира Кутиров, Царинската управа бележи 18 случаи на спречување недозволена трговија во повеќе категории, меѓу кои: 2 случаи со 50-ина килограми запленети дроги и психотропни супстанции, 9 случаи на заплена на акцизна стока (тутун и преработки од тутун, електронски цигари и тутун за наргиле), 3 случаи на заплени на девизи со вкупен износ над 90 илјади евра, како и 2 случаја на заплена на злато, вклучувајќи го и овој случај, со вкупна проценета вредност од над 2,3 милиона евра.

21.03.2023 - 19:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа