Реконструкција на бегството и приведувањето на Љупчо Палевски Палчо
Четврток. 30-ти ноември.
Три дена пред да бидат пронајдени телата на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче, Љупчо Палевски Палчо заедно со адвокатот Васко Стојков со автомобил „шкода суперб“ ја напуштаат Македонија.
Стојков го превезува Палчо до хотел во Белград. Според неговите тврдења, тој не знаел за грозоморните убиства, а Палчо му кажал дека мора да оди на лекар, но немал автомобил.
Две ноќи Палчо ги поминува во главниот град на Србија.
Сабота. 2-ри декември.
Денот пред македонската полиција да ги пронајдени двете тела Палчо тргнува на нова локација.
Од Белград 46-годишен скопјанец го презема Палчо со возило „ланд ровер“. Тргнуваат по автопатот Е-75, па потоа по автопатот Е-80 преку Пирот до Граничниот премин Калотина, каде излегуваат од Србија и влегуваат во Бугарија.
Патот го продолжуваат кон Турција преку автопатот Е-80, поминуваат покрај Софија и Пловдив. По поминати нешто повеќе од 350 километри во Бугарија, преку Граничниот премин Капитан Андреево влегуваат во Турција.
Од првиот град Едрене до крајната дестинација – Баликесир имаат три опции. Да одат преку Истанбул, од Текирдаг со фери да го преминат Мраморно море до Бандирма или да го поминат мостот Чанакале. Се одлучуваат за рутата долга 415 километри преку Чанакале. За тоа доказ е фотографијата од мостот Чанакале која утредента во 10:45 на Фејсбук ја објави возачот на Палчо.
Преку автопатот Е-87 стигнуваат во Баликесир – град со 330.000 жители, кој е престолнина на истоимената провинција која излегува на Мраморно и Егејско море, а граничи со провинциите Бурса и Чанакале.
Недела. 3 декември.
Македонската полиција ги пронаоѓа телата на Вања и Панче. Јавноста вечерта дознава дека Палчо е главниот осомничен, односно креатор и извршител на двете грозоморни убиства.
Неделата и понеделникот тој ги користи за да најде начин како да ја напушти Турција и да замине во држава во која ќе побара азил. Според неофицијални информации, купува карта за Минск, но потврда за тоа ќе треба да даде истрагата.
Вторник. 5 декември.
На денот на приведувањето, Палчо фаќа такси во Баликесир и тргнува кон Истанбул. Некаде по автопатот „Истанбул – Измир“ Палчо излегува од такси возилото и пеш се враќа кон Баликесир каде е пресретнат од турските безбедносни служби. По неговото приведување турските ги информираат македонските власти.
Истиот ден неговиот возач е приведен на влез во Македонија, на Граничниот премин Дојран.
Во акцијата за апсење на Палчо помагаат Интерпол, службите на Турција, Бугарија, Србија и Хрватска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа