Центарот за управување со кризи во информација за состојбата по обилните врнежи на територијата на државата, заклучно со 8 часот изутринава, информира дека во Пелагонискиот Регион (Битола, Могила и Новаци), во подрачјата во кои имаше излевање на реките, водата постепено се повлекува од поплавените површини. Нивото на реката Црна кај селото Новаци во 18 часот синоќа изнесувало 320 сантиметри.
Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон селотол Мренога е затворен за сообраќај. Реките се вратени во своите корита, освен реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде што сè уште има излевање и се поплавени поголеми земјоделски површини.
Во Ресен, како последица на поројните врнежи, поплавени се земјоделски површини, но водата постепено се повлекува откако вчера е интервенирано со една градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.
Во Југозападниот Регион, во Охрид, на реката Сушица изграден е заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошното излевање. Сè уште има поплавени подрумски простории и дворови на повеќе локации. Во струшкото село Мислешево поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини. Процесот на санација е отежнат поради неможност за изведување пропуст за истек на водата. Во Калишта има поплавени дворови и подрумски простории и се преземаат дополнителни мерки за санација и заштита на населението.
ЦУК информира дека во Дебар реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање. Патните правци се проодни, со помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Во Западниот Регион, во Кичево, водостоите на Зајашка Река и на реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување на поплавените домови, дезинфекција и создавање минимални услови за престој. Евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде што им е обезбедена неопходна грижа.
Во Вардарскиот Регион, во Кавадарци, во ридско-планинските подрачја интервенирано е со механизација на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава, каде што снежната покривка изнесува до 15 сантиметри.
Во Североисточниот Регион, во Ранковце, патниот правец с. П’клиште – с. Герман е непрооден поради снежни наноси. Во тек е расчистување. Патот од с. Герман до с. П’клиште е со кашест снег,л што го отежнува сообраќајот.
Во Полошкиот Регион, воТетово, на патниот правец Тетово – с. Бањиче имало падната голема карпа на коловозот. Патот е расчистен и сообраќајот е нормализиран, а во Гостивар, на патот кон Маврово, кај каменоломот, е евидентиран одрон и се преземаат активности за негово расчистување

