Во Скопје утре ќе се одржи регионална средба на превозниците од регионот со цел изнаоѓање решение за проблемот со којшто се соочуваат транспортните компании од Западен Балкан во однос на престојот во Шенген зоната.
Ваква средба за првпат се одржува во земјава, а на неа е најавено учество на раководствата на асоцијациите на превозници од Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.
Поводот за состанокот го објасни Биљана Муратовска од Асоцијацијата на превозници – МАКАМТРАНС.
Проблемот се уште не е решен. Средбата се одржува за да ја утврдиме агендата на нашите идни активности, изјави за МИА Биљана Муратовска од Асоцијацијата на превозници – МАКАМТРАНС.
Здруженијата на превозници од регионот бараат изземање на професионалните возачи од правилото со кое престојот во Шенген зоната се ограничува на 90 дена во период од 180 дена.
Поради ваквите ограничувања, тие веќе упатија писмо до Европската унија со барање за директна средба на која би се разгледале нивните барања.


