Данската влада го поднесе во парламентарна процедура предлог-законот L 45 со кој за првпат нормативно се дефинираат условите под кои наставниците и педагошкиот персонал можат да користат физичка интервенција и сила врз учениците.

Законското решение го достави министерот за деца и образование, Магнус Хојнике, како директен одговор на зголеменото врсничко насилство и нарушувањето на наставата.

Новиот закон експлицитно ги дефинира условите за примена на физичка сила во основните, приватните училишта и центрите за дневна грижа. Според текстот, физичката интервенција е третирана исклучиво како мерка на последно средство, која може да се употреби само кога сите педагошки и вербални методи се целосно исцрпени.

Поводот за оваа реформа се загрижувачките податоци од истражувањата за учебната 2025/2026 година, кои покажаа дека 55 проценти од сите училишни одделенија во Данска се соочиле со врсничко насилство, додека кај најмладите класови (од 0 до 3 одделение) овој процент достигнува дури 75 проценти. Покрај тоа, 20 проценти од одделенијата пријавиле физичко насилство насочено директно кон наставниците.

Законот воведува три јасно дефинирани нивоа на дејствување:

  1. Физичко водење (член 1 f): Најблага форма на контакт (на пример, рака на рамо) без физички отпор од ученикот, која не се смета за сила и не подлежи на евиденција.
  2. Превентивна заштитна помош (член 1 g): Кратко приведување или отстранување на ученикот за да се спречи поголема материјална штета.
  3. Физичка употреба на сила или принуда (член 1 h): Најстрого ниво кое овозможува ограничување или преместување дури и при активен отпор, строго ограничено на пет ситуации: уништување имот, физички напад, изложување на опасност, сериозно психолошко вознемирување и континуирано прекинување на настаната.

При секоја употреба на сила мора да се почитува принципот на пропорционалност, а вработените имаат обврска веднаш да поднесат официјален извештај до раководството и да ги информираат родителите.

Синдикатот на наставниците (DLF) ги поздрави новите правила истикнувајќи дека тие носат правна сигурност, додека организациите на ученици, родители и дел од детските психолози изразија загриженост дека овие мерки можат да создадат атмосфера на страв и дополнителна траума кај децата со посебни потреби.

Првата парламентарна дебата во Фолкетинг е закажана за 10 ноември 2026 година, а доколку биде усвоен, законот ќе стапи во сила на 1 август 2027 година.

Exit mobile version