Реакција од Маричиќ за веста дека трошел по една просечна плата од државна сметка за јадење

За само една година поранешниот министер за правда и сегашен вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ потрошил 5.000 евра државни пари во ресторани, објави А1он“.по што следеше реакција на Бојан Маричиќ.

„Сакам да ја известам јавноста дека информациите објавени денес на порталот А1он во врска со реализирани службени трошоци во рамки на моите работни задачи како министер за правда во 2021 година се претставени на неточен и манипулативен начин, целосно спротивно од реалноста и вистината. 
 
Вистината поткрепена со факти, извештаи и документи е следна:
 
За своите активности како министер за правда, за сите работни средби, состаноци, во министерството, надвор од министерството, за сите работни посети на странски делегации, домашни делегации, конференции, семинари, работилници и слични активности и настани на кои јас сум присуствувал заедно со илјадници колеги, соработници, гости и граѓани во 2021 година се реализирани 313.603 денари за период од 12 месеци, или во просек по 857.5 денари дневно.
 
Сите трошоци се реализирани исклучиво за службени потреби и за работни обврски во рамки на агендите на Министерството за правда и исклучиво за целите и задачите на институцијата. Средбите се реализирани во Министерството за што се користени услугите на бифето на институцијата, во Владата, но и на локации надвор од институциите зависно од дневните агенди и зависно од тоа каде биле закажувани и реализирани состаноците, за што често одлучуваат и соработниците и колегите со кои се реализирани тие состаноци.
 
За секоја работна средба постои уреден записник и извештај од кој може јасно да се види дека се запазени сите лимити и ограничувања кои ги воведе Владата, односно дека утврдената сума по човек присутен на работна средба во ниту еден случај не е надмината и е целосно во рамки на предвидениот буџет. Исто така, сакам да потсетам дека трошоците на министерството за оваа намена беа намалени за 50%, во споредба со годината пред тоа, но и дека реализираните трошоци се повеќекратно намалени во споредба со трошењата од времето пред 2017 година.
 
Конечно, за граѓаните да знаат и на ниво на бројки што меѓу другото сум постигнал за време на средбите за кои биле потрошени 857.5 денари дневно или 313.603 денари годишно, ја информирам јавноста дека во текот на 2021 година преку работни состаноци успеав да обезбедам 12 милиони евра странска донаторска помош за реформи во проавосудниот систем, поточно за дигитализација на судовите, која веќе успешно се реализира.  
 
Исто така, за време на работната агенда како министер во 2021 година под моја координација, а секако во реализација на Државниот завод за статистика после 20 години беше реализиран успешен Попис во нашата држава.
 
Транспарентноста е најдобра алатка за рационално и целисходно работење, па за крај сакам да ги замолам новинарите кои одлучија на ваков начин и во овој момент да презентираат бројки на крајно неточен и погрешен начин, да направат анализа и да и презентираат на јавноста дали се исплати да се реализираат 5.000 евра годишно за работни состаноци на кои е реализирана целокупната агенда на еден министер и на кои се обезбедени 12 милиони евра странски пари за дигитализација на судството.
Ја повикувам јавноста критички и објективно да го прими и толкува овој мој одговор и да направи споредба со начинот на кој А1он одлучиле да ги извртуваат оние 857.5 денари и да ги претставуваат како наводно расипништво, гоштевање или безобразие“, објави Маричиќ на Фејсбук.
06.07.2022 - 20:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега