Реакции во Украина: Единствената парада што ја заслужува Путин е марш за мртвите руски окупатори

 

Парада и прослава на Денот на победата во Москва беше организирана откако во текот на ноќта беше истрелан нов бран проектили кон Украина.

На прославата на Црвениот плоштад присуствуваше и рускиот претседател Владимир Путин, кој одржа говор за борбата на Русија против нацизмот и им се заблагодари на сите војници во „специјалната воена операција“ во Украина.

Олексиј Данилов, секретар на Украинскиот совет за одбрана и национална безбедност, на социјалните мрежи напиша дека единствената парада што Путин ја заслужува е онаа на руските окупатори убиени на украинска територија. Тој предложи парадата да трае – со часови.

„За мртвите руски окупатори кои загинаа без слава и чест во Украина можат да маршираат со часови на „парада“ на „Црвениот плоштад“. Ова е единствената парада што заслужува да ја види убиецот на украинските деца, Путин, како и неговата платеничка војска и единствената вистина што Русите треба да ја знаат за неговата земја“, напиша Данилов.

Украинската парламентарка Ина Совсун објави видео на Твитер од тенк, за кој се верува дека е советски Т-34, кој минува низ Црвениот плоштад во Москва.

„Човек се прашува – дали е ова импресивната сила на втората по големина армија во светот“, рече таа.

Во Москва се одржува воена парада по повод 78-годишнината од победата над фашизмот.

„Денес, цивилизацијата повторно е на пресврт, почна вистинска војна против нашата татковина, но ние ќе ја обезбедиме нашата безбедност“, рече Путин во говорот.

09.05.2023 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа