Организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ го обвинија раководството на СДСМ, предводено од Венко Филипче, за изборниот резултат на партијата во Брвеница, оценувајќи дека освоеното четврто место е директна последица на начинот на кој се води партијата.
Во нивното соопштение се наведува дека Филипче, наместо да се фокусира на политичка борба со власта, секојдневно изнесувал обвинувања, додека партиското раководство го претставувало резултатот како успех. Организаторите му упатија честитки на кандидатот Јовица Радески за, како што наведуваат, достоинствениот настап во предизборната кампања.
Од „Разговори за иднината во 12:05“ посочуваат дека СДСМ во Брвеница освоил повеќе гласови само од двајца независни кандидати. Притоа, тие ја оспоруваат интерпретацијата на изборниот резултат од страна на партиското раководство, укажувајќи дека кандидатот на СДСМ добил 57 гласа помалку од советничката листа на партијата на локалните избори во 2025 година.
Во соопштението се изнесуваат и обвинувања за наводни политички договори меѓу раководството на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Организаторите тврдат дека Филипче ја држи партијата во заложништво и го повикуваат на следната седница на Централниот одбор да одговори на прашањата за изборните анкети, можноста за влез на СДСМ во Владата на Христијан Мицкоски и иднината на актуелното партиско раководство.
Тие прашуваат дали анкетите покажуваат дека СДСМ би можел да остане без пратенички мандат во Изборната единица 6, кој повторно ја актуелизирал идејата за влез на партијата во Владата и зошто раководството сè уште не се повлекува од функциите.
На крајот, организаторите го повикаа Филипче да го прифати нивниот план за структурни реформи во СДСМ, оценувајќи дека изборните резултати се предупредување за состојбите во партијата.

