Расте бројот на жртви од циклонот во Нов Зеланд: 11 загинати, илјадници исчезнати

 

 

Бројот на загинати од циклонот Габриел во Нов Зеланд денес се искачи на 11 лица, а неколку илјади луѓе се’ уште се водат за исчезнати, бидејќи невремето го погоди Северниот остров во земјата.

Циклонот го погоди најсеверниот регион на Нов Зеланд на 12 февруари и падна на копно долж источниот брег, предизвикувајќи голема штета.

Премиерот Крис Хипкинс ја нарече Габриел најголемата природна катастрофа на Нов Зеланд овој век, објави Ројтерс. Уште две лица се потврдени мртви во тешко погодениот залив Хок, соопшти денеска полицијата. Хипкинс изјави дека е можно да има повеќе жртви бидејќи 6.431 лице се’ уште се водат за исчезнати.

Нарушен е синџирот на снабдување, што предизвика проблеми во испораката на стоката. Уништени се бројни посеви, а 28.000 домови се’ уште се без струја.

„Вистинските размери на уништување и загуби стануваат се појасни како што поминуваат деновите“, истакна премиерот.

Тим од Фиџи ќе пристигне во Нов Зеланд во наредните денови за да помогне во санирање на штетите од невремето, една од 12-те странски понуди што пристигнаа во Велингтон, рече Хипкинс. Во спасувањето веќе помагаат 27 припадници на итната помош од Австралија.

19.02.2023 - 10:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега